Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој изврши исплата за дополнителни директни плаќања од подмерка 1.7 по обработлива земјоделска површина за одделни овошни видови. Исплатата е реализирана кон 10.604  корисници во висина од 286.673.118,00 денари, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства што имаат засадени површини со следниве овошни видови: јаболко, слива, праска, круша, вишна,кајсија ,цреша, јагода на отворено, малина, капина, боровинка ,дуња,мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко,смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, барем, лешник, ореви и питоми костени, кои се корисници од подмерка 1.7 од оваа уредба и се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.

Висината на директните плаќања изнесуваат 29.000 денари по хектар, односно 38.000 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум еден хектар до максимум пет хектари јаболко.

За слива и праска висината на директните плаќања изнесува 24.000 денари по хектар односно 30.600 денари по хектар со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум еден хектар до максимум пет хектари.

Кај овошните видови круша, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка висината на плаќањата изнесува 21.000 денари по хектар, односно 27.600 денари по хектар за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум еден до максимум пет хектари.

Додека, пак, 13. 000 денари по хектар односно 18.000 денари по хектар, изнесува висината на директни плаќања за земјоделски стопанства со пријавена површина за финансиска поддршка од минимум еден хектар до максимум пет хектари за дуња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник.