Реформата на основното образование ќе продолжи согласно предвидената динамика, затоа што ги дава очекуваните ефекти. Предизвици постојат и тие се надминуваат преку заеднички пристап, а во меѓувреме е добредојдена секоја добронамерна сугестија која би можела да го олесни спроведувањето и да ја подигне нејзината ефикасност и ефективност.
Ова било констатирано на денешната средба помеѓу претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура-СОНК, наставници по Географија и, како што наведува МОН, „засегнати во оваа трета фаза од спроведувањето на планот за реформирање на основното образование“.
-На средбата беше потврдено дека реформата е добро конципирана и ќе продолжи да се спроведува со поддршка од сите засегнати страни, а почестите средби и дискусии може да помогнат во надминувањето на предизвиците кои би можеле да се појават тековно. Од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири беше посочено дека ниту еден наставник нема да биде отпуштен од работа, ниту пак ќе добива помала плата поради интеграцијата на предмети која е предвидена со реформирањето. Секој просветен работник чиј предмет кој го предава се интегрира со други предмети од сродната наука, останува на своето работно место, ќе ја добива платата за полн фонд на часови, а дополнително, заедно со СОНК, ќе се изнајде и заедничко решение личните примања повторно, по трет пат во период од една година, да бидат значително зголемени, информира Министерство за образование и наука.
МОН во соопштението наведува дека ги повикува сите други општествени чинители, „особено оние со моќ за политичко влијание“, да дадат свој придонес во заложбите за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем.
-Промените не може да се случат преку ноќ и со неосновани критики, туку, напротив, етапно и со конструктивно учество на сите засегнати страни и фактори, додава МОН.