Општина Кисела Вода заедно со општинскиот Црвен крст денеска го започна проектот „Топлотен бран” кој има за цел во топлите летни денови да се заштити здравјето на граѓаните.
На најфреквентните локации, парковите, автобуските постојки во Општина Кисела Вода денеска мобилни екипи составени од возило на Црвениот крст, медицинско лице-доктор, волонтери, референти од урбаните и месните заедници на територија на општината, на граѓаните им пружаат медицинска помош, совети, делеа шишиња со вода, а исто така и им се укажува помош на оние лица кои имаат потреба за носење до крајната дестинација.
Проектот „Топлотен бран” ќе се одвива во периодот јули – август 2024 година и ќе ги опфати сите месни и урбани заедници од овој дел на Скопје, информираат од Општина Кисела Вода.
Екипите денеска биле во населбите Расадник и Кисела Вода, а за утре е најавена посета на населбата и селото Драчево.
Ова е веќе традиционален проект кој Општина Кисела Вода преку секторот за Месна самоуправа и социјална заштита, го спроведува заедно со Општинската организација на Црвениот крст.























