Уште еднаш, финската премиерка Сана Марин заврши на меѓународните насловни страници. Но овој пат беше поради видео од приватна забава на кое се гледа како танцува и се забавува со пријатели. Она што следеше потоа е типичен „фински скандал“ кој всушност не е воопшто скандал, но со оглед на тоа дека финската политика е во принцип толку затегната и помалку здодевна, мора да бидете малку креативни за да ги разбранувате работите од време на време.

Тоа е истовремено показател за високите морални стандарди кои важат за политичарите и кои се очекува од нив да ги исполнуваат. Последователно, многу е низок прагот на толеранција за финските политичари да поднесат оставки за нешто што на друго место би бил незначаен инцидент.

На пример, во 2008 година тогашниот министер за надворешни работи Илка Канерва беше отпуштен поради скандал со смс-пораки – се допишувал со контроверзна славна жена. Сана Марин пак стана премиерка откако нејзиниот претходник Анти Рине си даде оставка поради скандал поврзан со штрајк во поштата.

Марин и нејзината влада претежно водена од жени се во центарот на невообичаено меѓународно внимание уште откако ја презедеоа функцијата во декември 2019 година. Студија на НАТО Стратешкиот комуникациски центар за извонредност од 2021 година откри дека министерките жени од владата на Марин добивале непропорционален број на навредливи пораки, а самата Марин често била предмет на домашни „скандали“ како објавување на различни „селфи“ фотографии на Инстаграм или други инциденти од забави поради што во медиумите го доби прекарот „party-Sanna” („журко-Сана“).

Сексистички критики

Голем дел од прилично апсурдните домашни контроверзи повразни со Марин „мирисаат“ на мизогинија, особено бидејќи таа цврсто ја водеше Финска низ неколку исклучително тешки ситуации, почнувајќи со пандемијата а сега и со процесот за зачленување во НАТО. За многумина е тешко да се прифати тоа дека компетентен премиер може да биде 36 годишна жена, мајка на мало дете, која и покрај тоа што ја има најтешката работа во земјата исто така успева да има и социјален живот, да оди по фестивали, а повремено и на забави./dw/