Во дворот на средното училиште „Јосип Броз Тито“, денеска се одржа првиот промотивен настан на заедничката кампања на Европската Унија и Совет на Европа, „Блокирај ја омразата. Сподели љубов!“, чиј фокус е борбата против говор на омраза.

Целта на овој настан беше да ја подигне свеста кај младите за различните форми на говор на омраза и дискриминација кои се насочени кон одредени заедници и поединци во нашето општество, како и да промовира различни начини на борба против говорот на омраза. Овој пат пораката за прифаќање и почитување на различностите, беше креативно пренесена преку улична уметност и музика.

Младиот уметник Дејан Давчевски создаде уникатен мурал на ѕидот на училиштето на тема борба против говор на омраза споделувајќи ја пораката за љубов и преку уметноста ги покани сите млади момчиња и девојчиња да се приклучат во мисијата на блокирање на омразата и дискриминацијата во нашето општество. Уметникот ја потенцираше важноста на уметноста како креативен канал преку кој може да се пренесе пораката за спречување на ширење на дискриминација и говорот на омраза

– Во нашето општество, омразата и предрасудите се застапени во голема мера, сето тоа го учиме како млади и пред да насочиме прст кон помладите треба и повозрасните да се запрашаат од каде ја научиле таа омраза. Сметам дека преку уметноста како слободна форма на изразување, која досега се покажала како многу ефикасна за поврзување помеѓу помладата популација, би можеле да научиме дека сите сме еднакви, и дека треба да ги отфрлиме сите стереотипи. Со ова се надевам дека барем мал процент ќе научи некаква порака. Преку градење на нови ставови и мислења, во иднина би се намалил говорот на омраза, истакна Давчевски.

На настанот присуствуваа директорката на училиштето Силвана Кржовска, професори, активисти и амбасадорите против говор на омраза– истакнати јавни личности кои ја поддржуваат кампањата.

Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија”, кој е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа, Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022″.