Министерството за економија годинава издвои буџет во износ од 30 милиони денари зa Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2023 година. Средствата се наменети за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка, на градба на која имаат право на сопственост или користење во периодот од 01.01.2023 година до 31.10.2023 година.
Како што кажа министерот за економија Крешник Бектеши на прес конфернцијата со оваа мерка треба да се опфатат над 400 домаќинства за кои повратот ќе биде до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари. Дополнително на тоа, согласно новиот правилник и другите подзаконски акти, обврска е на универзалниот снабдувач, вишокот на електрична енергија да ја преземе и согласно утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика да им ја плати или да им ја надомести дополнително на секој од домаќинствата кои ќе одлучат да направат вакви инвестиции.
За овој оглас можете да аплицирате сами и да ги пополните следните документи, што можете да ги подигнете и од Архивата на министерството или онлајн:
–БАРАЊЕ;
–ДОКАЗ во оригинал дека е извршено купувањето на фотонапонските панели и пропратната опрема за производство на електрична енергија до 6 kW, и тоа: – фискална сметка (со датум најрано од 1 јануари 2023 година) или фактура со извод од деловна банка или уплатница (со датум најрано од 1 јануари 2023 година)
–ДОКАЗ дека фотонапонската електроцентрала е ставена под напон со доставување на фотокопија од Известување од ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје дека фотонапонската електроцентрала е ставена под напон;
–ИЗЈАВА заверена на нотар по денот на објавување на огласот (образецот на изјавата ќе може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку преку интернет страната на министерството: www.economy.gov.mk);
– ФОТОКОПИЈА од лична карта на барателот и
–ТРАНСАКЦИСКА сметка на барателот.
Сите пополнети документи потребно е да се стават во затворен плик и да се достават до Министерството за економија директно, или по пошта на следната адреса: Јуриј Гагарин” бр.15, 1000 Скопје.
На пликот потребно е да назначите дека е за ЈАВЕН ОГЛАС ЗА НАДОМЕСТУВАЊЕ НА ДЕЛ ОД ТРОШОЦИТЕ ЗА КУПУВАЊЕ И ИНСТАЛИРАЊЕ НА ФОТОНАПОНСКИ ЕЛЕКТРОЦЕНТРАЛИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ДО 6 КW ЗА СОПСТВЕНА ПОТРОШУВАЧКА ЗА ДОМАЌИНСТВАТА, НА ГРАДБА НА КОЈА ИМА ПРАВО НА СОПСТВЕНОСТ ИЛИ КОРИСТЕЊЕ ЗА 2023 ГОДИНА.
На пликот треба да го пишува и ИМЕТО И ПРЕЗИМЕТО заедно со АДРЕСАТА НА БАРАТЕЛОТ.
Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок по овој основ.
Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен”, се до искористување на предвидените средства за оваа намена.
Листата на баратели кои го остваруваат правото на надомест ќе бидат објавени на веб страната на Министерството за економија најдоцна до 31.12.2023 година.
Превземено од Агротим.мк