Потребни се брзи предвремени парламентарни избори, затоа што оваа влада е некредибилна. Народот своето си го кажа на претходните локални избори и се додека оваа некредибилна влада предводена од СДСМ и ДУИ продолжи, ќе продолжат поразите. За жал, тие порази почнуваат да не чинат со десетици загубени човечки живот, а тоа е само поради една основна причина – раководните лица кои се дел од владејачките партии не си ја вршат работата за која се платени, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешната посета на Свети Николе.
Прашан кој е 61-виот пратеник на владејачкото мнозинство во Собранието, Мицкоски рече дека не сака да навлегува во теории кој е 60, а кој 61-виот пратеник, и дека за тоа треба да одговорат СДМС или ДУИ.
-Едно е јасно, а тоа беше сведок и народот, дека и тие 59 кои ги имаа дента кога се гласаше недоверба на Владата не беа во Собранието и не застанаа во одбрана на ова владино мнозинство, што за мене претставува кукавички чин. Ако веруваа дека оваа влада е добра и работи во интересите на граѓаните, тогаш требаше да бидат во клупите и да се спротивстават. Тоа е она што јас можам да го коментирам, изјави Мицкоски.
За тоа дали разговарал со Алтенатива за нивниот став од петокот, Мицкоски рече дека нема разговарано детално за нивните преговори со СДСМ и ДУИ.
– Тоа што го знаеме е дека раководството на Алтернатива го овластило претседателот на партијата да преговара со СДСМ и ДУИ за формирање ново владино мнозинство. Нашиот став поврзано со ова мнозинство или не мнозинство го знаете. Станува збор за најкриминалната и најнеспособната влада што некогаш во овие 30 години функционирала во Македонија и претпоставувам дека раководството на Алтернатива го имала во предвид тој факт и претседателот на партијата ќе ги има кога ќе биде на иста маса да преговара со лидерите на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.
Во однос на оставката на Зоран Заев, Мицкоски рече дека не ги знае и не би сакал да навлегува во вистинските причини, но оти го шокирала изјавата на еден од раководството на ДУИ, дека „тие не го пуштаат да си оди, бидејќи имало некои одлуки кои што треба да се носат во периодот што следи“.
– Да, има одлуки кои што треба да се носат, а тоа е час поскоро да имаме предвремени парламентарни избори. Тоа е она што претстои да се носи, а сето останато е само обид на овој малцински партнер во владата СДСМ-ДУИ да се прикаже пред меѓународната заедница дека има се уште некако капитал со кој располага, а тоа е да го распродава македонскиот идентитет и да ја распродава македонската држава. Тоа ние нема да го дозволиме, изјави Мицкоски.
Имаме многу суштински проблеми, рече Мицкоски, кои треба да се решаваат, а не потпишување на некаков договор со нашиот источен сосед.
– Ако мислат дека оваа некредибилна влада, предводена од Зоран Заев, во која преговара Владо Бучковски и Бујар Османи, ќе биде нивниот капитал за да се задржат таму каде што се, се лажат. Евентуален таков договор, ќе биде ништовен, бидејќи мнозинството од македонскиот народ таквото нешто нема да го прифати, изјави Мицкоски.
Во однос на работата на македонските истражни органи за автобуската несреќа во Бугарија, Мицкоски рече дека тоа е уште една катастрофална постапка на властите и оти е зачуден како автобусот 135 пати ја минувал границата без да биде запрен.
– Директорот на транспорниот инспекторат го нема да излезе во јавноста и да објасни како ова возило ја напуштало границата и како се дозволило ова возило да го помине сите оние технички прегледи. Во суштина се случува една голема корупција, што би рекол претстаува едно сериозно ткиво кое што го има зафатено институциите и системот. Нека не ве чуди ако и во иднина продолжи сето ова, ако ова владејачка коалиција е на власт и затоа се потребни брзи предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.
Најавата за внатрепартиски избори во СДСМ, Мицкоски рече дека претставува некоректен политички потег, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ претходно веќе на истиот ден го најавила својот конгрес.
– Претставува политички некоректно. Затоа се потребни реформи во СДСМ и нема да се машам, тие самите треба да си одлучат кого ќе изберат за иден претседател, изјави Мицкоски.