На денешниот настан „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“ претседателот на партијата, Христијан Мицкоски потенцира дека суштински важно е кога во прашање е Македонија, која ја нарече наш заеднички дом, да има единство, и го повика претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на единство кога станува збор за Македонија, бидејќи како што рече тој местото и на Ковачевски е во заедничкиот дом со народот, а не спроти него.

-Впрочем ударите се кон нашиот дом кој е се за едно семејство. Јас сум свесен дека во ситуација кога нашиот дом е во прашање, единството е поважно од секоја една наша внатрешна разлика која ја имаме во овој заеднички дом. Свесен сум, но и загрижен за тоа дали и премиерот на Македонија е свесен за истото. И затоа сакам да му порачам дека ВМРО, и историски, и суштински. и денес политички е вграден како еден од најважните стожери и столбови на нашиот дом- Македонија. И кога ќе се најде оваа влада пред ударите кон нашиот дом, ВМРО-ДПМНЕ нуди единство, договор за она што е наш заеднички супстрат и поддршка за заштита на националните, стратешки и државни интереси на нашата Македонија, кажа Мицкоски.

Тој кажа дека и домот ќе биде цврст колку се силни темелите и столбовите на куќата, и не е реткост било кој дом да биде на тест на разно разни потреси и удари, но се додека се држиме едни со други, се додека ја крепиме куќата, домот ќе остане неподелен и цел. А што е домот, ако не луѓето во него.

-ВМРО-ДПМНЕ е со народот заедно во тој дом, но го гледам Ковачевски и тие околу него дека се надвор, дека не го споделуваме истиот товар. Затоа нудам единство, а ВМРО својата потпора за нашиот дом и само за прашањата кои се важни за нашата татковина и за нашиот дом и сите луѓе во него. Македонија е нашиот дом, а ние како народ мора да бидеме единствени и од тоа нема да има поголем аргумент овие луѓе во преговорите да останат внатре во нашиот дом, да не излегуваат и да не потклекнуваат пред било кого, заклучи Мицкоски.

Тој потенцираше дека тие се надвор од преговорите, но поддршката за заштита на националните интереси на Македонија, посебноста, идентитет и иднина е бланко кога се во прашање овие фундаменти на постоењето на нашата Македонија.

-Спремен сум да ја премостам секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси и таа врата за ова прашање е секогаш широко отворена. Треба да знае во состојба на силни удари, предизвици ВМРО останува да биде тој стожер на нашиот дом, рече тој.