Екипата од „Автокоманда“ овој месец води т.н. „маратон“ од натпревари, а последниот го имаше пред два дена во салата „Јане Сандански“ каде што триумфираше над Работнички со 31:26 и така го обезбеди настапот во плеј-оф фазата на македонската Суперлига.

Металург до сега оваа сезона во новоформираната Лига Европа одигра два натпревари и истите ги загуби на гостински терен, во Франција од Тулуз (33:29) и во Шпанија од Адемар Леон (41:32).

Следен ривал на нашиот претставник е австрискиот клуб Аон Фиверс денеска од 18.45 часот во салата „Борис Трајковски“. „Сино-белите“, кои ќе го играат првиот домашен меч сезонава, се едни од четирите тимови во групната фаза на натпреварувањето и натаму без бодови.

Противникот моментно е четвртопласиран во генералниот пласман со три бодови, ги загубија и двата гостински натпревари до сега. Славеа на последните четири средби во домашното првенство и моментно се второпласирани зад Хандбал Тирол.

На табелата во групата „А“ води Висла Плоцк со осум бодови (од четири натпревари), следува Адемар Леон со седум (од пет натпревари), Тулуз има четири (од шест натпревари), Аон Фиверс има три (од пет натпревари), претпоследен е Чеховски Медведи со два бодови од два натпревари, а на шестата позиција е Металург без бодови од два одиграни мечеви.