Општина Струга преку официјално соопштение бара во текот на туристичката сезона да се почитува јавниот ред што според нив значи неносење бикини и гаќички за плажа по шеталиштето во градот.
„Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден. Ги замолуваме сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори“, стои известувањето од Општината.
Од Општината се на став дека со таквото однесување ќе се зачува позитивната слика за Струга.
„Вашето однесување е слика за градот, затоа сите заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика на една туристичка дестинација како што е Струга. Ви благодариме!“, додаваат оттаму.
Соопштението е објавено денеска на официјалната фејсбук-страница на Општината, а во прилог на објавата има и фотографии од градот, со поставени знаци за забрана за бикини и гаќи за капење.
Инаку, градоначалник на Општина Струга е Рамиз Мерко – кадар на ДУИ, кој Стејт департментот го стави на „црната листа“ на САД поради значителна вмешаност во корупција, присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.