Максим Димитриевски во своите изјави и настапи во јавноста ги застапува тезите и интересите на опозицијата и се исклучиво во негов личен интерес . Ова е ставот на владејачката СДСМ по вчерашната изјава на кумановскиот градоначалник Димитриевски дадена во летното издание на магазинот Клик плус на ТВ21 дека партијата ја управуваат една мала група луѓе кои имаат само лични интереси.

„СДСМ е демократска партија, делува исклучиво демократски и никако поинаку. Изјавите на Максим Димитриевски се на иста релација со ставовите, мислењата и наративот на опозицијата. И таквите изјави на Максим Димитриевски му служат исклучиво за лична промоција. Ако нешто во изминатиов период СДСМ докажа и покажа со дело е дека единствениот интерес по кој што се води е интересот на граѓаните и интересот на државата“, вели Кузеска.

Димитриевски вчера директно обвини дека состојбите во СДСМ се загрижувачки и дека одредена група во партијата се грижат само за свои лични интереси, водат интриги и ја растураат партијата.

„СДСМ кој што всушност се претставува за власт денеска е политички субјект целосно под контрола на мала група на луѓе кои што ги користат своите јавни добиени функции за да извршат уште поголема контрола и централизација во партијата и истата ја претворија од сериозна политичка партија во едно мало акционерско друштво во која што секојдневно членството се разочарува и си заминува“, рече Димитриевски.

Димитриевски воедно вели и дека СДСМ го исклучило од членство иако партиските процедури не биле испочитувани. Но ова го демантираат од СДСМ, велат дека Димитриевски не ја говори вистината.

„Социјалдемократскиот сојуз на која што до вчера и припаѓав  јас и се уште се чувствувам социјалдемократ, но за жал не сум во таа партија бидејќи донесоа едногласна одлука име исклучија поради моите ставови, не заврши постапката, но тие си донесоа одлука. Значи тоа не е партија, тоа е приватна фирма, функционира како акционерско друштво.“, вели Димитриевски.

„Максим Димитриевски не е исклучен од партијата, од СДСМ, а она што можам да го кажам , повторно ќе повторам дека, делата зборуваат сами за себе и неговите изјави, неговите ставови, неговите објави на социјалните мрежи се на иста релација со опозицијата.“, рече Кузеска.

Димитриевски беше долги години активен член на партија и првиот мандат како градоначалник на Куманово го доби по кандидатура од СДСМ, но несогласувањата избија на последните локални избори. Тој бараше неговата партија повторно да застане зад неговата кандидатура, но од СДСМ го кандидираа Оливер Илиевски секретар на општинската организација во Куманово, по што Димитриевски настапи како независен кандидат и победи на изборите.

Преземено од ТВ21