Шесто полуфинале во Европката лига и четврта победа за македонските одбојкари, овој пат против Хрватска со 3:2 (15:25, 25:19, 25:22, 21:25, 15:12). Првиот натпревар од годинашниот завршен турнир во салата „Парк“ беше исцрпувачки во сите елемнти.
Никола Ѓорѓиев го предводеше нашиот тим, двоцифрени беа Александар Љафтов и Филип Маџунков, но општ е впечатокот дека денешната победа над Хрватска, втора во четвртиот меѓусебен дуел, е одраз на колективниот придонес на теренот. Поради тоа, Македонија ќе игра четврто финале во Европската лига, а прво откако ова натпреварување на ЦЕВ се нарекува Европска сребрена лига. Утре од 20 часот во Струмица, црвено-жолтите ќе сервираат против подобриот од натпреварот меѓу Данска и Унгарија, а преносите од соочувањата за златото, како и за бронзата ќе бидат на МРТ-3 каналот.