Магдоносот е познат како зачин што совршено се вклопува во свежи и зготвени јадења, но тој е познат и како зачин што е многу лековит.

Најпознати видови магдонос што се користат во кулинарството се кадравиот или т.н. француски и италијански магдонос. Постои и хамбуршки магдонос, кој се одгледува поради коренот што потсетува на репка. Порано се сметал за света билка и со него се украсувале победниците на различни натпревари.

Сув или свеж

Магдоносот е еден од ретките хранливи плодови што содржат мерливи количини оксалати, природни материи што кога ќе се зголеми нивната содржина во телесната течност, можат да се наталожат и да предизвикаат здравствени проблеми. Затоа луѓето со проблеми во бубрезите и желудникот треба да го избегнуваат магдоносот.

Инаку, оваа билка е одличен извор на витамин А, Ц и К, како и на железо и фолати. Содржи и други материи корисни за човечкото здравје.

Секогаш кога купувате свеж магдонос, избирајте со изразито зелена боја, кој изгледа свежо и крцкаво. Во фрижидер чувајте го во најлонско ќесе. Можете исто така да го исушите и да го користите по потреба. Сушењето треба да биде во китки, под сенка, а потоа се чува во добро затворен сад. При употреба само изронете го со прстите.

Во кулинарството веќе е познат зачин во супи, чорби, паприкаши, салати, јадења од зеленчук и месо. Но, од него можат да се направат ќофтиња, крем супи и др., најважно е дека при готвење не треба долго време да се изложува на силна термичка обработка, затоа што ги губи корисните својства.

Чајот и сокот се еднакво здрави

Од магдоносот можете да подготвите сок и чај, кои имаат лековити својства. Чајот е многу јак и не треба да се пие повеќе од 30-60 мл одеднаш. Најдобро е да се искомбинира со друг сок, на пример од моркови. Чајот се подготвува од два литри зовриена вода во која се става ½ шолја свеж магдонос и се вари 10 минути. Има силно диуретско дејство и е добар за намалување на тежината.

Свежиот сок има својства што се потребни за размена на кислородот и одржување нормални функции на надбубрежната и штитната жлезда.

Сокот од свежи листови магдонос се прави во електричен соковник и се зема 1-2 лажици сок измешан во ½ шолја свежо млеко или една-две лажици павлака, трипати на ден, 15-20 минути пред оброк. Секако дека можете да го пиете сокот од магдонос без додатоци, но не е баш пријатен за пиење. Добар е за правилна активност на гастроинтестиналниот тракт, го олеснува мокрењето, особено при проблеми со простата, делува на апетитот, ги подобрува респираторните и срцеви функции.