Одбојкарските репрезентации на Македонија денеска ќе бидат домаќини на натпревари од Европската лига. Одбојкарите ќе играат против Белгија, а двојната програма во СЦ „Борис Трајковски“ почнува со девојките (17.30 часот) кои ќе имаат дуел против Летонија.

„Првиот натпревар со Украина беше тежок, се работи за селекција која е фаворит да ја освои Златната лига и има играчи од најсилните европски лиги. Дуелот со Белгија е значаен меч за нас, ривалот не е силен како Украина и тоа е можеби шанса да направиме нешто повеќе резултатски, иако целта ни е добро да се подготвиме за Европското првенство. Се надевам дека ќе одиграме квалитетен меч“, изјави селекторот на одбојкарите, Јошко Миленкоски.

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија по 15 години повторно е на меѓународна сцена, а по стартниот пораз од Австрија сега ќе игра против Летонија.

„Ние сме млада репрезентација со голем потенцијал, но, за жал, недостига искуството од европските натпревари за да можеме да сметаме на нешто повеќе. Неблагодарно е да се зборува за резултати, потребно ни е време и поддршка. По 15 години, нашата женска одбојка повторно се натпреварува на меѓунадодна сцена“, изјави селекторот на девојките, Стефан Пауновиќ./Makfax

Прикажи повеќе