Во некои делови на Лондон, едно од 20 лица е заразено со коронавирусот, изјави денеска регионалниот директор на Јавно здравје, Кевин Фентон.

– Во текот на изминатата недела, бројот на луѓе во болниците во Лондон е зголемен за 27 проценти, а во интензивна нега за 47 проценти – изјави професорот Фентон.

Како што пренесува Би-Би-Си, тој вели дека ова е голем предизвик за пандемијата и побара од населението „навистина да ги намали интеракциите, да остане дома и да го намали бројот на инфекциите”.

– Не само што сериозно го оптоварувате здравствениот систем, туку спречувате и други пациенти, на кои можеби им треба итно или важно лекување во тоа време, да пристапат до тие услуги – рече Фентон.

Тој нагласи дека има „работи што можеме подобро да ги направиме” за да го намалиме бројот на инфекции, вклучително и поголемо придржување кон мерките за носење маски и физичко растојание при користење јавен превоз и купување основни производи.