Англискиот фудбалски првак Ливерпул објави денеска дека во 2020 година остварил загуба од 46 милиони фунти (близу 50 милиони евра) пред оданочувањето.

Ливерпул учествуваше во формирањето на европската Супер лига, но како и останатите пет англиски екипи се повлече од новото натпреварување под притисок на навивачите.

Во англиската јавност се претпоставуваше дека Ливерпул се одлучил да влезе во проектот поради финансиски проблеми, што по објавувањето на финансискиот извештај за минатата година, сега делумно се потврдува.

Ливерпул во последните 12 месеци поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус е во загуба од 88 милиони фунти, откако во претходниот извештај во март лани пријави минус од 42 милиони фунти.

Вкупниот негативен ефект од кризата, до моментот кога навивачите ќе можат да се вратат на стадионите, би можел да достигне дури 120 милиони фунти, проценуваат британските медиуми.