Суперлигата, натпреварување кое требаше да има предност од Лигата на шампионите, очигледно сè уште не е „мртво“, иако осум од 12-те клубови основачи го потврдија излезот.

Светот на фудбалот „се занимаваше“ со Суперлигата последните денови. Веста за основањето на ова натпреварување од 12 клуба го потресе фудбалскиот свет, но излегувањето на англиските клубови од проектот го означи крајот на Суперлигата.

Манчестер Сити, Тотенхан, Арсенал, Челзи, Манчестер Јунајтед и Ливерпул овозможија УЕФА да ја победи Суперлигата, а неколку часа по англиските клубови, Интер и Атлетико Мадрид официјално го напуштија проектот.

Сепак, креаторите на Суперлигата, Реал и Јувентус, односно челниците на овие клубови не се откажаа од своите идеи, а бидејќи Милан и Барселона официјално не го напуштија проектот, може да се каже дека тие сè уште веруваат во воспоставување на ново натпреварување што нема да го води УЕФА.

Европската фудбалска федерација е свесна дека работата околу Суперлигата не е завршена, а првиот човек на европскиот фудбал Александар Чеферин им рече на клубовите кои официјално не го напуштиле проектот дека доколку не го сторат тоа, нема да играат во Лигата на шампионите.

„Кристално е јасно дека клубовите ќе треба да одлучат дали се во Суперлигата или во семејството на европски клубови. Ако кажат дека се во Суперлигата, тогаш нема да играат во Лигата на шампионите. Ако се подготвени да го сторат тоа, нека играат во нивна конкуренција”, истакна Чеферин.

“Што се однесува до казните, сè уште чекаме правните експерти да донесат одлука, но секој ќе сноси последици за својата одлука и тоа го знае. Секако, ситуацијата е различна помеѓу клубовите кои ги признаа своите грешки и го напуштија проектот. Другите знаат дека проектот е мртов, но не сакаат да го прифатат тоа“.

Фудбалските асоцијации ширум Европа се уште се загрижени, а Чеферин посочи дека во наредните денови ќе се одржат средби со лидерите на националните здруженија.

“На денешниот состанок на ИО на УЕФА, се согласивме да се поврземе со националните федерации и лигите кои се загрижени. Тоа ќе се случи следната недела, така што ќе видиме што можат да направат одредени федерации и што може УЕФА”, заклучи Чеферин.