Во третото коло од ФА купот Тотенхем му гостува на Марине кој благодарение на Џејми Карагер ќе настапи во најстарото англиско натпреварување.

Поранешниот капитен на Ливерпул, Џејми Карагер ќе го спонзорира, односно ќе ги покрие сите трошоци за организација на натпреварот од третото коло во ФА купот помеѓу осмолигашот Марине и Тотенхем.

Легендата на Ливерпул се одлучи на овој потег само неколку дена пред одигрување на натпреварот бидејќи аматерскиот тим Марине остана без спонзор со што загуби 20.000 фунти. Потребната сума за одигрување на натпревар кој е закажан за 10. јануари ќе ја покрие токму Карагер.

Марине е тим од предградието на Ливерпул, Крозби каде што токму Карагер живее и често ги посетува натпреварите на осмолигашот. Карагер на Марине ќе му помогне преку својата фондација JC23 и ќе донира 20.000 фунти.

– Неизмерно сме му благодарни и ќе му бидеме должници на Џејми и неговата фондација поради поддршката во магичниот натпревар за Марине – соопштија од клубот.

Натпреварот помеѓу Марине и Тотенхем ќе биде историски во ФА купот, бидејќи досега никогаш не се сретнале екипи со толку голема разлика во лигашките натпреварување. Марине настапува во Дивизијата 1 Северозапад која е дел од Премиерлигата Север, додека Тотенхем моментно е четвртопласиран во Премиер лигата.
За да дојде до дуел со Тотенхем и ѕвездите на Жозе Мурињо, Марине мораше да победи на седум натпревари во ФА купот.