Пред патот за Краков, каде што ќе водат нова мундијалска битка, селекторот Кирил Лазаров и репрезентативците Никола Митревски и Филип Талевски со прес-конференција ги искажаа своите очекувања од претстојното Светско првенство. Лазаров верува дека ракометарите одработија одлични подготовки и одиграа четири квалитетни пријателски средби.

„На почеток сме на уште едно големо натпреварување, мислам дека одработивме квалитетни подготовки, со четири квалитетни натпревари, со сериозни противници – Црна Гора, Хрватска и Израел и спремни го дочекуваме СП. Сакам да нагласам една работа, дека многу труд, ентузијазам и борба вложивме да дојдеме до посакуваното Светско првенство бидејќи сите знаеме, иако се повторуваме, дека во меѓувреме направивме тотална смена на генерации и заеднички, обединети, дојдовме до посакуваниот настан“, вели Лазаров.

Филип Талески се врати на тренинзите по отсуството поради повреда, па ќе биде еден од предводниците на Македонија на Светското првенство (СП) во Полска и Шведска. Пред предизвиците во Краков, бекот на Вардар истакна дека сите посакуваат успех и потенцира дека оваа Македонија не се плаши од никого.

„Имаме една тешка група, но нема да се предадеме против никого. Имавме доста време да се подготвиме и мислам дека тоа доста добро го направивме. Првиот меч играме против Норвешка, една од фаворитите за златото, но тоа не треба да не плаши. Ние покажавме повеќе пати дека кога е тешко, можеме и знаеме. Мора да одиме чекор по чекор и зошто да не направиме некое изненадување? Станавме модерен национален тим, даваме доста голови, треба да се фокусираме повеќе во одбраната и со таа транзиција да внимаваме. Можеме да трчаме, младоста тоа ни го дозволува“, изјави Талески

Никола Митревски заедно со Мартин Томовски и Марко Кизиќ ќе го чува голот на Македонија на Светското првенство (СП). Десетта година по ред нашиот национален тим ќе биде на големата сцена, па и на овој настан се влегува со голема почит кон секого, но и без страв од никого.

„Одработивме одлични подготовки за ова СП, за кое, како што кажа селекторот, ќе биде многу тешко. На него заслужено обезбедивме пласман, ги елиминиравме двете најдобри селекции во баражот. Дојде време сега да се подготвуваме за Норвешка, Холандија и Аргентина. Никого нема да го прецениме, ниту потцениме. Имаме самодоверба, знаеме што сакаме, тактички добро сме подготвени, физички исто така. Желбата кај сите 20 играчи е на највисоко ниво. Сакаме да се претсатвиме во што е можно подобро светло, да го дадеме последниот атом на секој меч“, изјави Митревски.

Македонија на СП 2023 е во група со Норвешка, Холандија и Аргентина. Првиот дуел е со скандинавската селекција, во петок./Gol.mk/