Грција е една од најсилните поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија, истакна премиерот Димитар Ковачевски, кој во Вилнус каде учествува на Самитот на НАТО, имаше средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Според Ковачевски, самата средба што ја остварил со Мицотакис потврдува дека двете држави имаат одлични билатерални односи.
-Преспанскиот договор, којшто претставува пример наведен и во Стејт Департментот и во други меѓународни организации за решавање на идентитетски прашања и за одржливо решение врз основа на кое што станавме земја членка на НАТО, потврдува дека по решавање на такво билатерално прашање, односите меѓу двете држави се движат во исклучително позитивна насока, потенцираше Ковачевски на прес-конференција.
Во делот на Преспанскиот договор, Ковачевски оцени дека голем дел од работите се имплементирани. Постојат, како што рече, неколку ратификации што треба да се направат во грчкиот Парламент, но постојат и кај нас некои обврски што треба да се спроведат во делот на даночните политики.
-Дел од работите се во надлежност на регионални власти, и Грција сигурно дека во наредниот период ќе работи на реализација исто како што ние работиме на реализација на останатите елементи од договорот со Грција, рече Ковачевски.
Според него, пример за посветеноста на институциите во Грција е регистрација на Центарот за македонски јазик, што беше оспоруван, но грчкиот суд донесе јасна пресуда дека се работи за нешто што може да се регистрира во Грција.
Двајцата премиери на средбата во Вилнус разговарале и за поголемите инфраструктурни проекти во делот на енергетиката.
– Разговаравме конкретно за гасоводот но, и за други големи капацитети кои се прават во регионот. На овој Самит имав разговори и со други претседатели на влади, со кои разговарав доминантно за економски теми и за теми кои имаат значење за подобар живот на граѓаните, посочи Ковачевски.