Денеска се потврди се што како претседател на Владата и како коалиција го зборувавме. Недвосмислени беа пораките од претседатетлот на Европскиот совет Шарл Мишел дека 2030 би можела да биде година на проширување на ЕУ, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски по учеството на Бледскиот стратешки форум.
-Денес навистина беше ден кога практично се потврди она што и јас како претседател на Владата, меѓутоа и членовите на Владата го зборуваат дека сега е моментот кога се отворени вратите за влез во ЕУ. Недвосмислени беа пораките и од претседателот на Европскиот совет, господинот Мишел, меѓутоа како што кажавте и самите и од премиерот на Хрватска, претседателот на Словенија во однос на потребата од проширување на ЕУ. Па дури и 2030 година беше определена како година во која што треба да се направат сите напори за да се случи следното проширување, изјави премиерот Ковачевски.
На овој форум, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ја посочи 2030 како година кога би можело да се случи следното проширување на Унијата, а неговиот говор беше посочен како многу значаен за земјите од регионот.
Премиерот Ковачевски, кој исто така зборуваше на лидерскиот панел заедно со премиерите од другите земји од Западен Балкан, на Блед во изминатите два дена имаше неколку билатерални средби меѓу кои и до Мишел, но и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стујард Пич.
– Во однос на самиот процес беше јасно кажано дека критериумите за пристапување се тие кои што практично и се наведени во нашата преговарачка рамка, дека реформскиот процес е она од што зависи самиот процес на пристапување и дека за нас како земја кандидат за членство остануваат оние обврски кои што ги имаме, а ЕУ исто така да ги исполни своите обврски, рече Ковачевски.
Затоа, нагласи тој, и повиците за носење на одлуките во Собранието, односно за давање глас за европските интеграции стануваат се поактуелни во светло на она што денеска го слушнавме во Блед.
-Овде се потврди уште една значајна работа, а тоа е дека Северна Македонија има големи пријатели во ЕУ, Северна Македонија има пријател во САД, и ако ги погледнете пораките и на високиот претставник на САД кој само пред два дена беше во Скопје и овие пораки кои што денеска ги слушнавме и вчера од претседателот на ЕС, се работи за истите пораки кои што практично претставуваат повик за земјите канидати да го направат она што се однесува на нив во делот на пристапувањето кон ЕУ, рече премиерот.
Ковачевски рече дека претседателот на Европскиот совет ја поздравил одлуката уставните измени да се најдат на пленарна седница во Собранието, меѓутоа исто така, како што вели, Мишел оценил и дека лидерството што го прави Владата е она што и е потребно на Северна Македонија.
-Останува на пратениците во текот на овој процес за којшто има време да се убедат во исправноста на носењето на оваа одлука, да се убедат во исправноста на давањето на гласот за Европа затоа што ние практично после тоа ги отвораме преговорите односно кластерите, рече премиерот.
Скрининг извештаите за првиот кластер, како што посочи, веќе се готови и во моментот „се карбонизираат меѓу вицепремиерот за европски прашања и неговиот тим со Европската комисија“, а следуваат и извештаите за другите кластери.
-Откако тој процес ќе заврши, следно е отворањето на кластерите, поглавјата и преговори по однос на истите. Тоа е еден процес во кој што практично ние ќе станеме подобри, процес во кој ќе направиме понатамошно реформирање на нашето закодавство, усогласување со ЕУ, меѓутоа уште поважно реформирање на инстутициите, начинот на имплементација на законите и нивното спроведување и секако тоа ќе значи и поголем економски поттик, ќе значи пристап до повеќе европски фондови и ќе значи зголемување на европскиот потенцијал на државата, смета премиерот.
Тоа е она, како што вели Ковачевски, на кое што практично и почива ЕУ – економски просперитет, социјална правда и владеење на демократијата.
-Состојба кон којашто нашето општество се стреми и коешто во последните три декади навистина напредува. Затоа јас уште еднаш ќе повторам дека на Северна Македонија во овој момент и треба интеграција, а не и треба изолација, рече Ковачевски во изјавата за МИА по Бледскиот стратешки форум.
Бледскиот стратешки форум годинава се одржува на тема „Солидарност за глобална безбедност“, а едно од барањата е да се помогне на настараданите подрачја од невремето и поплавите во Словенија. Но, и денеска Словенија и Блед се соочуваат со обилни дождови.
Како што јави известувачот на МИА, церемонијата за пречек на делегациите пред почетокот на Бледскиот стратешки форум беше прекината поради невремето во ова туристичко место во Словенија, така што дел од премиерите вклучувајќи го и Ковачевски во зградата каде што се одржува настанот влегоа со чадори и се примени друг план за пречек на делегациите.