Северна Македонија се усогласува со вредностите на европското семејство, со политиките на ЕУ, безбедносни аспекти, и економски развој, истакна претседателот на Владата Димитар Ковачевски на денешното предавање на престижната дипломатска академија во Виена.

Според премиерот, со јасни стратегии Владата управува со европските фондови, а потврда за тоа, како што нагласи, е што Владата предводена од СДСМ во период од 2017 до 2022 година има склучено 2.363 договори со финансиска поддршка од Европската Унија, делумно со национално кофинансирање.

-Ние сме единствена Влада досега која плански располага со средства и во целост ги користи парите од ИПАРД програмата, рече премиерот.

Владата, посочи тој, следејќи ги политиките на ЕУ, донесе нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година која е целосно базирана на Европскиот Зелен Договор, и таа веќе се имплементира во Северна Македонија.

-Наш приоритет е енергетската транзиција и енергетската независност. Во услови на криза, успеавме да придонесеме за зголемување на  интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија. За нешто повеќе од година дена, заклучно со 31 март 2023 – инсталирани се над 191 MW вкупен капацитет од обновливи извори, кажа Ковачевски.

За петнаесет месеци, информираше премиерот, Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги   издала лиценци за 400 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори.

-Со ова може да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка од десет македонски градови односно 76.000 македонски домаќинства, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи дека Северна Македонија во секторот енергетика предничи во регионот.

-Со енергетско-економскиот развој на земјата, Владата не запре ниту во време на кризата, вели Ковачевски.

Тој  додаде дека приоритет на Владата е енергетската транзиција и енергетската независност.

-Со тоа што Северна Македонија е регионален лидер во енергетската транзиција, има огромен потенцијал да стане зелен енергетски центар, вели Ковачевски.