На третиот ден од блокирањето на патиштата на северот од страна на српските граѓани, КФОР соопшти дека единствениот начин да се постигне траен мир меѓу Приштина и Белград е да се постигне решение преку дијалог кој ги почитува правата на сите заедници. Косовската полиција го зголеми своето присуство на северот, а Србија најави дека ќе се обрати до КФОР со барање да распореди до 1.000 војници на Косово. Но, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека треба да се избегнуваат изјави и акции кои придонесуваат за ескалација на конфликтот. Тој им порача на двете страни да помогнат тензиите да се намалат. Н, тој истакна и дека НАТО е подготвен да реагира.

Advertisements

„Нашите сили се подготвени, способни и будни. Тие многу внимателно ја набљудуваат ситуацијата. Тесно соработуваме и со Европската Унија. Ги повикувам страните да се воздржат од реторика што придонесува за ескалација на конфликтот и да помогнат во намалување на тензиите. НАТО е многу фокусирано на прашањето за Косово и Западен Балкан. Ние имаме долга историја. Помогнавме да се завршат две војни, прво во Босна и Херцеговина, а подоцна и во Косово. Нашите сили сè уште се присутни преку силите на КФОР, кој има речиси 4.000 припадници и е клучен фактор за стабилизација на ситуацијата во регионот“, рече Столтенберг.

Од друга страна, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, по посетата на Косово ќе замине во Белград. Се очекува Ескобар со српските власти да разговара за актуелната ситуација, за отстранување на барикадите и за враќање на Србите во институциите на Косово.

Тензиите на северот на Косово се зголемија од 6 декември, а имаше и неколку вооружени инциденти. На 10 декември, локалните Срби подигнаа барикади во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ. Основниот суд во Приштина соопшти дека на Пантиќ му е одреден едномесечен притвор. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ побара од Европската унија да помогне во ослободувањето на Пантиќ од притвор. Тој е осомничен за тероризам, односно за нападот врз канцелариите на Централната изборна комисија на северот на Косово на 6 декември.

Шкелзен Аќифи