Потврда и од ФИБА, поради двата позитивни теста, откажани се последните два меча од кваификациите на нашата најдобра женска селекција.

Женската сениорска репрезентација на Македонија нема да патува за Рига, и нема да игра на претстојниот квалификациски турнир за пласман на Евробаскетот 2021 година каде требаше да ги одигра последните два натпревари против Летонија и Хрватска, предвидени за 4-ти односно 6-ти февруари.

Како основна причина за откажување на настапот на „балонот“ во главниот град на Летонија, се два позитивни случаи на ковид-19 кои беа потврдени на задолжителното тестирање од коронавирус направено во Охрид, непосредно пред тргнувањето за Рига.

Во целодневните консултации кои федерацијата ги имаше со челниците на ФИБА констатирано е дека не постојат здравствени услови за Македонија да отпатува, и да биде дел од „балонот“ во Рига. Инаку, двата позитивни теста се потврдени кај стручниот дел од нашата најдобра женска селекција.

– Со оглед на тоа дека биле во најблизок контакт со „позитивните“, во наредниот период останатите членови на нашиот национален тим, а по препорака на лекарските авторитети, ќе бидат во самоизолација, со што би се спречило ширење на заразата. Како одговорна федерација, ние секојдневно ќе ја следиме состојбата на сите членови на нашата женска селекција – го потврдува откажувањето на турнирот во Летонија, генералниот секретар, Владимир Георгиевски.