Супержена –звучи лесно, но многумина од нас жените го чувствуваат притисокот да ги исполнат неколкуте улоги и двојната смена. Двојната смена која вклучува да се биде обично човечко суштество, но со суперсила потребна да се справиме со потценетата, непризнаената и невидливата работа, пишува за Женски печат/Слободен печат, Даниела Антоновска, експертка по родови студии.

Дали понекогаш е време да се ставите себеси како жена на врвот од својата агендa.  Ставете се себеси како приоритет, а на дното на агендата поставете нешто друго колку за промена. Одвојте време и грижа само за себе. Одвојувањето време само за себе не е грев. Да ја оставите барем накусо супержената во филмовите и стриповите.

Дали е доволно да се биде само жена? Зошто жените скоро секогаш се обидуваат да бидат подобри? Да станат супержени. Супержена во основа значи да се управува со секојдневието совршено добро, до перфекционизам. Да се жонглира со повеќекратната улога на жената, улога на мајка, сопруга, работничка, улога на онаа која се грижи за најблиските, постарите, улогата на сосетка, волонтерка, активистка во локалната заедница… Да се има најчесто преполн распоред, преполна „to do“ листа, да се има способност за мултитаскинг и при тоа сѐ да изгледа лесно, совршено, мазно, како да е направено без некој натчовечки напор. Постојано да се одвојува време за сѐ и сешто, а најмалку за себеси. Постојано да се прават обиди да се биде совршена, постојано да се вели – ова не е доволно,  можам и подобро, можам и повеќе. Да знаете дека многу блиски и останати зависат од вас и луѓето да ви веруваат затоа што знаат дека ќе ја завршите работа. Ќе завршите сѐ и на работа и дома, и  во меѓувреме ќе стигнете и на уште неколку други места, ќе отидете до училиште, до банка, ќе купите намирници… Списокот на должности и обврски е постојано долг, па дури и бесконечен. Супержена –звучи лесно, но многу од нас жените го чувствуваат притисокот да ги исполнат неколкуте улоги и двојната смена. Двојната смена која вклучува да се биде обично човечко суштество, но со суперсила потребна да се справиме  со потценетата, непризнаената и невидливата работа. Честопати правиме и повеќе од што можеме, а честопати и врз себе го преземаме целиот товар. Колет Даулинг (Colette Dowling) ја истакна склоноста на жените да се насочат кон перфекционизам и верува дека жените имаат желба постојано да се усовршуваат и да се обидуваат сѐ што прават да прават совршено.  Понекогаш и кога сме премногу блиску до совршеното, тоа никогаш нема да биде совршено во нашите очи. Со други зборови, да се биде само жена очигледно не е секогаш доволно. Да се биде супержена е идеалот кон кој се тежнее.

Супержените од нашето секојдневние се вистинска асоцијација на Вондер вомен и Супер грл (Wonder woman и Super girl). Вондер вомен и Супер грл не се само фикции, тие се жените – мајки, домаќинки, жените кои чекорат по својата нива и ги собираат плодовите од својот труд, жените во парламентот, жените во компаниите. И додека Дијана од „Вондер вомен“ се бори и сака да му помогне на светот, да го спаси светот, супержените од нашето опкружување се борат за себе, за своите деца, за своите блиски, за заедницата. Се борат со своето секојдневие, со своите болести.  Се борат за своите потреби и потребите на блиските. Веруваат во хуманоста и во најдоброто од луѓето, покажуваат емпатија. Емпатија која е една од супермоќите на жената. И минатата и оваа пандемиска година станавме уште повеќе супержени. Ги тестиравме своите способности за прилагодување на новото нормално, научивме уште повеќе да жонглираме со двојната и тројната улога, но, научивме и да застанеме малку.

Дали понекогаш е време да се ставите себеси како жена на врвот од својата агендa?  Ставете се себеси како приоритет, а на дното на агендата поставете нешто друго колку за промена. Одвоjте време и грижа само за себе. Одвојувањето време само за себе не е грев. Да ја оставите барем накусо супержената во филмовите и стриповите. Зошто? Затоа што притисокот да се постигне сѐ понекогаш ве блокира, ве влече надолу, ве прави поподложни на исцрпеност, умор. Маргори Хансен Шаевиц (Marjorie Hansen Shaevitz) во 1984 година го скова терминот ,,синдром на супержена“ во својата истоимена книга во која потенцира дека ,,жените кои се обидуваат да направат и завршат сѐ, треба да си постават приоритети и да го направат најдоброто што можат, но не и по секоја цена да го направат тоа совршенo.“ Синдромот на супержена според неа се јавува кога жената се труди да постигне сѐ, и да постигне совршенство во секоја улога што ја има, притоа мерејќи го успехот или неуспехот, а занемарувајќи се себеси, пред сѐ своето психичко и ментално здравје. Понекогаш и самото тело се обидува да ви каже нешто.

Стиви Вондер во песната од 1972 година, „Супержена“, вели –  ,,Мери сака да биде супержена, но, дали е тоа навистина во нејзината глава, јас само сакам да живеам секој ден за да ја сакам за тоа што таа е.“ Затоа сакајте се за тоа што веќе сте.  WONDER WOMAN, foto profimedia

Од друга страна пак, Бети Фридан во ,,Втора сцена“ нагласува дека супержената од 80-тите години на минатиот век придонела кон двојно поробување на жената, дома и на работа во желбата да се направи и да се постигне сѐ, до совршенство. Нејзината сугестија во тој период е ,,жените да се борат за преобликување на родовите улоги и редефинирање на општествените вредности и институционални структури, за да се исполни сѐ без при тоа да се жртвуваме еден за друг.“

Еднa скорешна студија од UN Women од 2018 година забележува дека жените се поделени во аргументите за и против идеалот на супержена. Една група жени ги самовреднуваат високо своите организациски и мултитаскинг способности, балансот што го постигнале помеѓу приватниот и професионалниот живот, додека пак друга група жени го критикува идеалот на супержена, кој го чувстуваат наметнат бидејќи не ги трансформира родовите улоги и не ја менува структурата на распределба на трудот. Дали идеалот на супержена треба да се погледне и од друга перспектива – фактот дека нема промена во свеста на другиот/партнерот. Ширли Конран (Shirley Conran) во „Супервоман“ (Superwoman), книга од 1975 година чиј наслов е всушност помалку ироничен вели ,,супержената не е жената која може да направи сѐ, туку жената која избегнува да направи премногу.“

Обидот да се биде совршена може и да ве потишти, но и да ве издигне во сопствените и очите на другите. Не можете да бидете секогаш и секаде присутна за сите други. Не можете да бидете сѐ за сите, а претходно да не бидете сеприсутна за себе и своето јас.  Изборот дали ќе жонглирате помеѓу повеќекратните улоги и дали ќе бидете повеќе или помалку успешна во сите улоги е ваш. Како и да е, вие бидете најдобрата, најпродуктивната, најсреќната, најзадоволната верзија на самата себе, на херојот и супержената која веќе сте. А, сите ние како жени да престанеме да судиме едни за други дали сме доволно добри или совршени во сите наши улоги. Стиви Вондер во песната од 1972 година, „Супержена“, вели –  ,,Мери сака да биде супержена, но, дали е тоа навистина во нејзината глава, јас само сакам да живеам секој ден за да ја сакам за тоа што таа е.“ Затоа сакајте се за тоа што веќе сте.