На официјална Софија не и се допаѓаат предлог измените во Законот за здруженија, кои би можеле да ги засегнат називите на бугарските клубови „Иван Михајлов“ и „Цар Борис III“. Бугарскиот заменик министер за надворешни работи Костадин Коџабашев брифирал дека Скопје започнало кампања против бугарските организации. Според него, со предложените измени, Македонија ja прекршува Европската конвенција за човекови права и правото на здружување.

„Крајно неприфатливо е да се користи наратив, вклучително и законски иницијативи, со кои непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, а со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи. Категорично ги отфрламе обидите да се наметнат селективни, еднострани, историски толкувања“, вели Костадин Коџабашев – заменик министер за надворешни работи на Бугарија.

Коџабашев кажал дека треба да се потсети земјата кандидат за членство во Унијата дека европските практики за правото на здружување имаат за цел да се олесни, а не да се отежни основањето на организации и здруженија.

„Бугарија може да го поддржи, кој и да е чекор од евроинтеграцијата на Република Северна Македонија, само под услов да се гарантирани правата на Бугарите во соседната земја. Последните законски измени во Скопје се спротивни на овој услов“, додава Коџабашев.

Ова е прва реакција од Софија за предложените измени кои во Собранието се разгледуваат по скратена постапка. Тие беа предложени од опозицијата, а поддржани и од владејачкото мнозинство и предвидуваат забрана за именување на здруженија со имиња на контроверзни личности од минатото.

Во меѓувреме, во Берлин, за првпат министерот Бујар Османи оствари средба со бугарскиот колега Николај Милков. Како што соопшти МНР двајцата ги разгледале бројните провокации од групи и поединци во двете земји, кои изминатиов период засилено доминирале во јавниот дискурс. Османи и Милков посочиле дека двете министерства ќе работат активно на зајакнување на добрососедските односи, како заемен интерес на двете земји и нема да дозволат провокациите да го нарушат овој процес.

Лука Андреев