Киноата се смета за житарка , иако во суштина е зелјеста лисната билка како спанаќот и цвеклото. Денес сè почесто се користи во исхраната, поради богатстовото од аминокиселини како и својата кремаста текстура и вкус кој потсетува на јаткасти плодови.

Киноата прв пат е култивирана на Андите, во Перу, Чиле и Боливија, пред 5000 години, држави кои до денес се нејзини најголеми извезувачи. Ја нарекуваат „ситен ориз“, иако таа не е вистинска житарка, туку спаѓа во иста фамилија со цвеклото, лободата и спанаќот.

Многу е богата со протеини, витамин Е и Б. Таа е единствен природен производ во кој има дури осум незаменливи аминокиселини. Исто така содржи манган, фосфор, цинк, магнезиум, железо и влакна. Особено е добра поради нискиот гликемиски индекс како и поради фактот дека воопшто не содржи глутен.

Како да изберете киноа

Има обична киноа со ситно бело или кремасто семе, која најчесто се одгледува во Перу. Како и таканаречена „кралска киноа“, со крупно црвеникаво семе и специфичен вкус. Оваа се одгледува во Боливија во одредени услови.

Кога купувате киноа, без разлика дали е запакувана или не, проверете дали има траги на влага. При варење имајте предвид дека таа за четирипати ја зголемува својата големина. Киноата задолжително се чува во фрижидер, а пред употреба темелно се мие со вода.

Фото: Профимедиа0

Голема предност има што не ѝ треба долго време да се свари, туку е готова за 15-20 минути, во двојна количина вода. Кога зрната ќе станат проѕирни, готова е. Има вкус кој потсетува на јаткасти плодови, а дури и сварено семето е благо крцкаво.

Од киноата се подготвуваат леб, печива, пијалаци со вкус на пиво. Варената киноа и гарнирана со немасно сирење е одличен здрав појадок. Може да се јаде и како ркулци. За таа цел треба да стои во вода 24 часа и потоа се цеди низ газа. Ваква е одличен додаток во салати.
Пред употреба најдобро е да се потопи во вода и да стои преку ноќ 6-8 часа минимум.

Задолжително киснење во вода

Ако ја подготвувате за салата, прво потопете ја во вода да стои околу три часа, а потоа фрлете ја водата. Измијте ја неколку пати низ силен млаз вода, што ќе помогне да се се отстрани нејзиниот горчлив вкус.

Потоа ставете ја во сад со вода и на тивко варете ја 20 минути. Соодносот со вода мора да е 1:2 (1 чаша киноа со 2 чаши вода). Откако ќе се свари исцедете ја и поготвена е за да се додаде во салата.
Од неа може да се направи и кашичка за деца. Прво се потопува во вода, 2-3 прста над семето, и стои 12-24 часа, па потоа се мие со вода и се вари со малку сол. Кога ќе провире по 15 минути ѝ се додава малку шеќер, путер и немасно сирење. Се поклопува и стои така да се излади малку. Погодна е за деца над една година, но не заменува разновидна исхрана.