Економските резултати на земјава повторно различно ги гледаат и пренесуваат власта и опозицијата. Во време на пандемија, за едните – економијата во Македонија цвета, а за другите – државата е пред колапс. Од утрово СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат преписка за тоа кој работи подомаќински и кој е поспособен од другиот. Според владејачката партија, власта креира и реализира мерки за поддршка на домашната економија и компаниите погодени со кризата предизвикана од пандемијата.

Advertisements

Позитивни сигнали покажуваат дека економијата заздравува, а потврда за тоа се позитивните тековни економски движења како високиот раст на извозот, растот на трговијата, зголемениот број на кредитирањето и раст на просечната плата. Буџетските приходи се повисоки во однос на периодот пред кризата. Растот на вкупните приходи е 4,4% а 5% е растот на даноците и придонесите – рече Богданка Кузеска портпарол на СДСМ.

Но, реакцијата на овие ставови стаса од „Белата палата“ на ВМРО. Според нив, власта докажала не ѝ се важни економските проблеми и маките на обичните граѓани. Опозиционерите обвинуваат дека Владата на Зоран Заев единствено се фокусира на криминалите кои секојдневно, како што велат, се случуваат во државата.

Граѓаните не земаат редовно плата, не примаат никаква помош и се злоупотребени на секаков начин. А, дека економските политики на власта се катастрофални говори и фактот дека јавниот дoлг е проектиран да порасне и до над 65% од бруто домашниот производ. Со Владата на Зоран Заев Македонија е најлоша на полето на враќање на довербата во економијата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од официјалните податоци кои се јавно достапни може да се види дека во март годинава во однос на истиот период лани индустриското производство е зголемено за 7,6 отсто. Но кога ќе ги споредиме првите три месеци оваа година со првото тромесечие лани, индустриското производство бележи пад од 6,1 отсто. Висината на нето просечната плата пак, според Државниот завод за статистика, во февруари изнесувал 27.948 денари, а во однос на лани има раст од 2,7 насто.

Иле Петревски