Забрана за настап од три натпревари и парична казна во износ од 100.000 фунти му изрече вечерва Англиската фудбалска федерација (ФА) на напаѓачот на Манчестер јунајтед, Едисон Кавани, за дискриминаторско поведение на социјалните мрежи.

Казната за Кавани се однесува на порака што Уругваецот ја објави на Инстаграм на крајот од ноември, по триумфот на Манчестер јунајтед над Саутемптон од 3:2.

Навивач на Јунјатед по триумфот му се обрати на Кавани со порака на социјалните мрежи „Многу те сакам, Матадор“ испишана на шпански јазик, на што уругвајскиот напаѓач возврати со пост „Gracias negrito“, што во буквален превод од шпански јазик значи „Фала црнче“.

ФА го прогласи напаѓачот на Јунајтед виновен за користење навредлив и непристоен речник ,поради што Кавани ќе го пропушти утрешниот меч против Астон Вила, како и полуфиналето на Карабао купот против Манчестер сити и мечот од третото коло во ФА купот против Ватфорд. (МИА)