Политиката не беше иницијална каписла, но како тргна, веројатно ќе премине од суета во политички пазар, рече денеска д-р Сашко Јовев, разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, а пренесува Сдк.мк

Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера го разреши реномираниот кардиохирург од раководната функција откако, како што кажа, инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) утврдиле нерегуларности во работата на Клиниката.

Д-р Јовев денеска беше пречекан со аплауз и овации од колегите и од пациенти, кои вознемирени раскажуваа како ги примал, оперирал и негувал докторот.

„Очекував ваква поддршка, јас си го знам тимот. Ова е тим кој работи 24/7, кој нема работно време. Јас во моето 35-годишно искуство немам земено ден боледување. Минатата недела морав да земам поради притисоци. Неодамна отворивме хибридна сала на Клиниката, на која дојде премиерот. Министерот не дојде, дали сметаше дека е доцна пратена поканата, но имав притисоци зошто сме ја отвориле без него“, рече кардиохирургот, додавајќи дека не е партиски кадар, и дека има целосна поддршка од заменик-министерката за здравство Маја Манолева.

Адвокатот на д-р Јовев, Мите Михајловски, кажа дека во решението за разрешување е наведено оти д-р Јовев двапати дежурал во 2022 без согласност од министерот, а тогаш беше Беким Сали на таа функција.

Д-р Јовев кажа дека е нормално да се дежура и да се покриваат колеги, како што работат сите клиники.