Плочата за АСНОМ којашто беше поставена во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за Илинден беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Стево Пендаровски и државната делегација, за прв пат по повеќе години, велат од кабинетот на шефот на државата по објавените информации во медиумите дека плочата веќе ја нема на местото на чествувањето.

– Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во „Св. Прохор Пчински“ за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот „Св. Прохор Пчински“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.

И игуманот на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ архимандрит Методије, за МИА потврди дека договорот на двете делегации, македонската и српската, бил плочата да се тргне по прославата на Илинден, и повторно по договор да се става кога ќе треба.

 

Спомен плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, беше поставена на празникот Илинден во параклисот на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ каде што по долгогодишна пауза чествуваше македонска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски. Од српска страна на одбележувањето присуствуваше министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ.

На спомен плочата двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува: „На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.