Група од 27 граѓани на Авганистан кои привремено престојуваа во Северна Македонија изутрината од Меѓународниот аеродром Скопје, со членови на нивните семејства заминаа за Даблин како нивно трајно одредиште.

– Станува збор за граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни невладини организации во Авганистан, и беа под закана на новиот талибански режим во земјата. Трошоците во целост се покриени од меѓународните организации, информира денеска Владата.

Во земјава моментно престојуваат 442 граѓани од Авганистан, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти.

– Институциите, во текот на нивниот престој им ја пружаат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација, велат од Владата.