Најновите податоци што доаѓаат од Израел покажуваат дека бројот на новозаболени, сериозно болни и мртви во таа земја опаѓа не само поради строгата блокада, туку и поради успешната програма за вакцинација.

Имено, анализите покажуваат дека падот е најизразен во деловите од земјата каде што најмногу напредувала кампањата за вакцинација, кај луѓето постари од 60 години, кои биле први вакцинирани.

Според израелското Министерство за здравство, само 531 лице над 60-годишна возраст, од скоро 750.000 целосно вакцинирани со двете дози, се заразени со коронавирус по вакцинацијата, што претставува учество од само 0,07%.

Охрабрувачки е и тоа што меѓу вакцинираните, само 38 биле хоспитализирани со умерени, тешки или критични клинички слики.

Во својата анализа, израелското Министерство за здравство ги разгледало медицинските досиеја на скоро милион луѓе кои примиле втора доза на вакцината пред повеќе од две недели, од кои 743.845 биле на возраст над 60 години.

Меѓу вакцинираните лица постари од 60 години, пријавени се само три смртни случаи, но постои можност тие да биле заразени порано, пред да можат да развијат имунитет. Податоците од Министерството укажуваат дека инфекциите и болестите паѓаат постојано од 14-тиот ден по приемот на првата доза.

Израел досега вакцинирал околу пет милиони од своите девет милиони луѓе со единечна доза на Pfizer-BioNTech вакцината. Околу милион луѓе ги примиле двете дози. Американскиот фармацевтски гигант му вети на Израел постојана испорака на вакцините во замена за детално истражување за ефектите на вакцината во пракса.

Уште една охрабрувачка вест доаѓа од Израел, а тоа е дека дури и вакцинацијата со единечна доза на Pfizer-BioNTech обезбедува солидна заштита.

Најголемата израелска компанија за здравствено осигурување Клалит во својот ран извештај споредила 200.000 лица на возраст над 60 години , кои ја примиле првата доза на вакцината со соодветната група од 200.000 кои се уште не биле вакцинирани. Резултатите покажале дека 14-18 дена подоцна, веројатноста за инфекција кај вакцинираните била за 33 проценти помала.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.