Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани во големите поплави кои ја погодија Западна Европа, предизвикувајќи над 160 жртви. Стотици се водат како исчезнати во Германија и Белгија. Спасувачките акции се во тек, а властите ја оставаат отворена можноста за зголемување на бројот на жртвите. За тоа сведочат жителите на Белгија со кои Алсат успеа да контактира. Авни Љатифи, по потекло од Косово, кој живее во Енсивал ни кажа дека кога водата почнала да надоаѓа, бил дома со семејството. Вели – ваква катастрофа жителите на Белгија не виделе повеќе од 100 години.

Advertisements

„Не само ние, туку и Белгијците не го очекуваа ова. Почна во четири и пол сабајле, бевме дома со семејството. За еден час водата стигна 1,5 метри од нивото на патот. Беше многу брзо и неочекувано, но кај нас нема жртви. Тука е нашето семејство, а погоре има уште едно семејство Албанци од Скопје. Материјална штета има многу“, вели Авни Љатифи, жител на Белгија.

Семејството Љатифи има голема материјална штета. Два автомобила се сосема уништени, а третиот водата го однела. Денеска сè уште нема струја, а многу подруми се под вода.

„Дома имаме многу штета. Ќе ви покажам само една слика од работите што ги извадивме и чекаме да дојдат да ги земат. Ова сè е за фрлање. Има и многу работи што не ги извадивме затоа што чекаме да дојдат за проценка. Има мобилизација, но не и толку, затоа што и тие се изненадени. Имам пријатели Албанци и Белгијци и роднини кои се дојдени да ни помогнат“, додава Авни.

Обилни дождови има и во Швајцарија, Луксембург и Холандија – каде премиерот Марк Руте прогласи национална вонредна состојба. Европските лидери како причина за катастрофата ги посочуваат климатските промени, односно глобалното затоплување.

Мелихате Рустеми