Регионалните центри за справување со кризи од повеќе места во државава информираат за последиците од невремето што попладнето го зафати североистокот и скопската котлина, како и за преземените интервенции за отстранување на паднати дрвја и бандери, што го отежна сообраќајот и остави одредени делови  без струја. Попладнето имаше интервенции и за гаснење на пожари.

-По невремето што зафати дел од градските и приградските населби на град Скопје во попладневните часови, од страна на Е – 112 добиени се повеќе известувања од кои повеќето се однесуваа на паднати дрва на различни локации во градот кои го попречуваат движењето на граѓаните и одвивањето на сообраќајот, како и за паднати бандери со струјни и телефонски кабли. Сите известувања од страна на РЦУК Скопје се препратени се до дежурните екипи во ЈП Паркови и Зеленило, диспечерскиот центар на ЕВН Македонија, А1, Телекабел и Телеком, за нивна понатамошна интервенција, информираа од ЦУК.

Регионалниот ЦУК Штип, пак, известува дека како последица од силниот ветер и невремето кое го зафати подрачјето на општина Пробиштип, на патниот правец село Ратавица-м.в.Киселица и село Ратавица – село Легово имало паднати дрвја.  Од страна на ПС Пробиштип и ТППЕ Пробиштип е интервенирано и се отстранети.

Отстрането е паднато дрво и  на патниот правец Штип – Кочани, пред бензинската станица кај село Крупиште. Исто така како последица од силниот ветер имало  и падната топола во с.Радање, а селото привремено останало без напојување со електрична енергија.

ТППЕ Кочани, пак, имала техничка интервенција на паднато дрво во близина на селотТркање.  Интервенирано е  со две пожарникари и едно ПП возило.

Од невремето проследено со силен ветер има паднато дрва и на регионалниот пат Ново Село – Самоилово, на магистралните патишта Струмица – Ново Село и  Струмица – Валандово. Известени се ЈП Македонија пат да ги отстранат паднатите дрва. Имаат регистрирано и падната бандера на ул.Бошко Буха бр.90 во Струмица и во село Попчево.

И територијата на општина Кратово беше зафатено со невреме со врнежи од град, во селата Кетеново, Куклица, Туралево и Трновац. Град со големина на орев паѓаше и во неколку села во општина Старо нагоричане.

Во Кочани и Виница, пак, е предизвика материјална штета на кровни конструкции на неколку објекти, а од врнежите од град со големина на лешник оштетени се овошки и градинарските култури.

Интервенирала и Територијалната противпожарна единица од Кочани, откако силниот ветер предизвикал краток спој на електричниот довод меѓу две куќи во село Жиганци, по што настанал пожар во дворната површина каде што имало сува трева.

ТППЕ Штип, пак, имала интервенции на  повеќе локации, за гаснење запалена сува трева и грмушки во близина на село Крупиште; запалени бараки и сува трева во близина на фабрика Мебел и приватната болница д-р Органџиски; запалена сува трева и грмушки во близина на село Караорман, како и на запалена депонија, шума и сува трева кај м.в. Мирјанина црква на периферијата од градот Штип.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави дека во текот на ноќта атмосферата ќе се стабилизира.

Утре ќе биде претежно сончево и многу топло, максималната температура ќе достигне од 33 до 40 степени. До среда ќе се задржи многу топло време со високи утрински и дневни температури, како и многу висок УВ индекс. Најтопло ќе биде во вторник и во среда, кога ќе дува засилен југозападен ветер. Значителна промена ќе има во четврток, кога ветерот ќе се промени во северен, а дневната температура ќе се намали за десетина степени.