Владата на денешната седница го разгледа и усвои текстот на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија и одлучи документот да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. Предлогот го подготви работната група на Министерството за правда составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата, како и претставници на политички партии.
Во продолжение е интегралниот текст на Предлогот за пристапување кон измена со насоки за измена и дополнување на Уставот
Врз основа на член 130 од Уставот на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 18 јули 2023 година одлучи на Собранието на Република Северна Македонија да му поднесе ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СО НАСОКИ ЗА
ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УСТАВОТ УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
I. ИЗМЕНИ ВО ПРЕАМБУЛАТА НА УСТАВОТ
Во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија заменета со Амандманот IV, а Амандманот IV изменет со Амандманот XXXIV, после делот од бошњачкиот народ се предлага да се додадат деловите од
бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
II. ИЗМЕНИ ВО АМАНДМАНОТ XXXVI СО КОЈ Е ЗАМЕНЕТ ЧЛЕНОТ 49 И АМАНДМАНОТ II
Во Амандманот XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот II, после
делот од бошњачкиот народ се предлага да се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ,
словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
III. ИЗМЕНИ ВО АМАНДМАНОТ XII СО КОЈ Е ЗАМЕНЕТ ЧЛЕНОТ 78
Во Амандманот XII на Уставот на Република Северна Македонија што се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, во
точка 1 се предлага да се измени бројот на членовите и тоа наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 члена при што по 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египќани.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ ЗА ПРИСТАПУВАЊЕ КОН ИЗМЕНА НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Врз основа на Заклучоците на Собранието на Република Северна Македонија (,,Службен весник на Република Северна Македонија‘‘ бр.161/22), донесени на седницата одржана на 16.7.2022 година, а во врска со точката 4 од Заклучоците на Советот на Европската Унија, усвоени на седницата одржана на 18.7.2022 година и точката 11 од Заедничкиот став и
Воведната изјава на Европската Унија на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, одржана на 19.7.2022 година и точка 15 од Изјавата на Северна Македонија на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, Владата на Република Северна Македонија на седницата одржана на ….. усвои Предлог за
пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија.
Во духот на меѓународните стандарди за заштита и почитување на човековите права и слободи, содржани во Универзалната
декларација на ОOН, како и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и во Европската конвенција за човековите права и основните слободи, а имајќи предвид дека Европската Унија се заснова врз вредностите за почитувањето на човековите права, слободата, еднаквоста, демократијата и заштитата од дискриминација, Република
Северна Македонија во согласност со својата стратешка определба за полноправно членство во Европската Унија е решена да ги спроведе обврските преземени во рамките на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија што започнаа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, одржана на 19.7.2022.
Во таа насока, во Заедничкиот став на Европската Унија донесен на Политичкиот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија се очекува да се овозможи зајакнување на еднаквите права на заедниците заради усогласување со Копенхашките критериуми. За таа цел, Република Северна Македонија има преземено обврска за релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во неа и кои се дел од други народи. Свесни дека нашата држава како меѓународен субјект преземала недвосмислени обврски што треба да ги реализира во добра воља и без разлика на легитимните политички разлики меѓу владеачкото мнозинство и опозицијата, уверени сме дека е потребна заедничка одговорност во остварување на стратешките цели, а најважна меѓу нив е полноправното членство во Европската Унија. Во согласност со мулиткултурниот карактер на Република Северна Македонија со цел да се поддржи демократскиот развој, нужно е континуирано јакнење на политичкиот систем во насока на признавањето, негувањето, заштитата, афирмацијата и гарантирањето на културната различност, како и на опстанокот на различните културни групи кои што живеат на територијата на нашата држава, во согласност со веќе воспоставената уставна рамка за нормативно гарантираниот мултикултурализам, а особено низ постоечките институти за гарантираното претставување предвидени со Уставот и во духот на Охридскиот рамковен договор. Овој Предлог за измена и дополнување на Уставот, Владата го предлага поаѓајќи и од уставното начело дека граѓаните на Републиката мора да ја негуваат одговорноста спрема сегашноста и иднината и дека се свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби за создавање на самостојна и суверена држава Македонија, како и дека се одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и на се што е определено како специфична уставна вредност од Илинденското востание во 1903 година преку Народноослободителната борба од 1941 година до 1944 година заклучно со формирањето на современата независна и суверена македонска држава во 1991 година.
Република Северна Македонија во својата уставно правна традиција им ја гарантира слободата на изразување, негување и развивање на идентитетот и особеностите на своите заедници. Во рамките на таа гаранција, Република Северна Македонија ја афирмира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Оваа уставно правна традиција е започната уште во државно правните традиции на Крушевската Република, како и со правните одлуки кои се
наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, а продолжи со донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година, како и со амандманите на Уставот што произлегоа од Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Оттаму, овие уставни традиции се дел од стремежот на нашата држава за целосна интеграција во европското семејство на државите и народите, како демократска држава на рамноправни граѓани.
Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на
Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија и му го поднесува на Собранието на Република Северна Македонија. Во Предлогот се содржани измени и дополнувања на Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на вклучување на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ во Преамбулата на Уставот, Амандманот XXXVI со кој се заменува членот 49 и Амандманот II, како и Амандманот XII со кој е заменет членот 78.
Во делот на Преамбулата се предлага покрај македонскиот народ, како и граѓаните на Република Северна Македонија кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ и бошњачкиот народ да се додадат и граѓаните кои се дел од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ, египќанскиот народ. Со Амандманот XXXVI со кој се заменува членот 49 и Амандманот II, уставната обврска на Републиката за грижа за дијаспората на македонскиот народ и за деловите од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, се предлага да се дополни со уставна обврска
за грижа и за дијаспората на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ,
еврејскиот народ и египќанскиот народ. Во Амандманот XII со кој е заменет членот 78 се предлага да се зголеми бројот на
членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците од постојните 19 члена на 43 члена со цел да се вклучат и членови,
претставници на деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Притоа, се зголемува и бројот на членови, претставници на македонскиот народ и на делот од албанскиот народ од постојните 7 члена, претставници на македонскиот народ и 7 члена, претставници на делот од албанскиот народ на 16 члена, претставници на македонскиот народ и 16 члена, претставници на делот од албанскиот
народ со цел да се обезбеди гарантирана претставеност и да се задржи воспоставениот паритет утврден со амандманите на Уставот на Република Македонија, донесени во 2001 година, а што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.