Хрватска вечерва во последното коло од групната фаза ја совлада Германија со 23:20 и како второпласирана од групата „2“ се пласираше во полуфиналето на Европското првенство.

Иако пред стартот на континенталниот собир во Данска беа прогласени за „аутсајдери“, денеска најдобрите хрватски ракометарки го направија најголемиот успех во својата историја.

Воедно „коцкестите“ обезбедија и настап на наредното Светско првенство во Шпанија 2021.

Во дуелот против Германките блескаше голманката Теа Пијевиќ со 16 одбрани, додека Ана Дебелиќ постигна шест голови (6/6).

Во полуфиналето на ЕП ќе играат против Русија или Данска кои од 20.30 часот во директна пресметка ќе играат за учество во борбите за медал. Покрај Хрватска, како полуфиналисти се промовираа уште селекциите на Франција и Норвешка.