Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пристигна во Киев со надеж дека ќе добие продолжување на договорот меѓу Русија и Украина за извоз на жито, склучен летото минатата година, со што ќе се избегне глобален недостиг на еден од основните прехранбени производи.

Договорот склучен на 22 јули минатата година под покровителство на ОН и Турција, овозможува извоз на жито од украинските пристаништа кои беа блокирани поради непријателствата и истекува на 19 март. Досега се извезени речиси 20 милиони тони жито. Со цел да се обезбеди продолжување на Црноморската иницијатива за жито, Гутереш денеска ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Договорот овозможи извоз на жито и други прехранбени производи од три пристаништа на Црното Море. Тој првпат беше продолжен во ноември, по тешки преговори. Ова е трета посета на Гутереш на Киев од почетокот на војната.

Минатата среда Русија објави дека ќе се согласи да го продолжи Црноморскиот договор за жито, кој овозможува безбеден извоз на жито од украинските пристаништа, но само доколку се земат предвид интересите на нејзините земјоделски производители.

Прикажи повеќе