Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со специјалниот пратеник на премиерот на Канада во Европската Унија и Европа и амбасадор на Канада во Франција и Монако, Стефан Дион.
На средбата вицепремиерката Грковска, соопштија од нејзиниот Кабинет, се заблагодарила за меѓусебната соработка, како и за поддршката што Канада ни ја даваше во процесот на зачленување во НАТО Алијансата, но и во однос на евроинтеграцискиот процес.
 Грковска истакнала дека Република Северна Македонија има обврска да ги спроведе реформите и таа домашна задача, нагласила, мора да ја завршиме, без разлика што ја имаме поддршката од меѓународната заедница.
 Специјалниот пратеник Дион изразил задоволство што надворешната политика на Северна Македонија кореспондира со политиката на НАТО членките, но и со позициите на Канада, особено во однос на воената агресија врз Украина.
 Вицепремиерката Грковска го информираше Дион и за надлежностите на Кабинетот за политики за добро владеење чија обврска е да ги детектира слабостите во системот и потоа да понуди соодветни решенија.
 – Таа нагласи дека унапредување на транспарентноста, отчетноста, одговорноста и ефикасноста на институциите, креирање антикорупциски политики, како и координација на процесот на дигитална трансформација се клучните приоритети на Кабинетот за политики за добро владеење, се наведува во соопштението.
 Двајцата соговорници се согласиле дека за Северна Македонија, но и за регионот е од клучно значење евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија да се одвива непречено, со акцент на суштинските реформи.