Масовна имунизација на грчките острови во Егејското и Јонското море, со цел да бидат „covid -free“ острови во пресрет на туристичката сезона е еден од плановите што го разгледува грчката Влада според весникот „Та неа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот весник пишува дека намерата е првично да се започне со оние острови кои имаат до 15.000 жители, а потоа да следат и големите, како што се Крит, Родос, Крф, итн.

– Владата разгледува специјален план во три точки за острови без коронавирус, па дури и пред Велигден и ги разгледува можностите за прилагодување на операцијата „Слобода“ за островскиот дел од земјата, барајќи решенија за што е можно побргу и безбедно да се вклучат моторите на туристичката сезона, пишува „Та неа“ во текстот под наслов „Планот на Владата за covid –free острови – без коронавирусот до Велигден“.

Размислувањата, според весникот, се прво да се издвојат повеќе приоритетни групи за вакцинација на островите, независно од процесот во другите делови од земјата, второ да се отворат дополнителни центри за вакцинација и трето, до почетокот на летото да бидат вакцинирани сите оние што се во првите редови во туристичката индустрија.