Иако има уште нешто повеќе од два месеци до почетокот на Олимписките игри, сепак не е познато дали тие дефинитивно ќе се одржат.

Околу 351 илјади граѓани на главниот град на Јапонија потпишаа петиција за откажување на Олимписките игри, кои треба да започнат во нивниот град во јули. Петицијата е испратена на адреса на гувернерот на Токио, со апел дека приоритет треба да бидат животите.

Интернет петиција насловена „Откажи ги Олимписките игри во Токио за да ги заштитиме нашите животи“ беше покрената од Кенџи Уцуномија, сега адвокат и некогаш кандидат за гувернер на Токио.

Потписите се собрани со голема брзина преку платформата Change.org, а споменатиот Уцуномија рече дека тоа е само одраз на јавното мислење во земјата на изгрејсонцето.

И сите други анкети покажуваат дека повеќето Јапонци се против одржување на Игрите оваа година и дека тие поддржуваат понатамошно одложување или откажување на натпреварот поради пандемијата на коронавирусот, која сè уште не е ставена под контрола.

Истата петиција беше испратена до Меѓународниот олимписки комитет (МОК), како и до Меѓународниот параолимписки комитет и до локалните организатори и националната влада на Јапонија.