Во Бигорскиот манастир, веќе пристигнаа поголем број верници од повеќе делови на државава во чест на одбележувањето на втората манастирска слава, 7 јули, денот кога се слави сечесниот празник на рождеството на патронот и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован.
Традиционално за празникот Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден се очекува поголемо присуство на верници и гости во текот на утрешниот ден.
– Редовно доаѓам на одбележувањето на празникот на рождеството на патронот. Потекнувам од село Горенци, Дебарско а поголемиот период од животот го минав во Дебар. Од пред десеттина години живеам во Охрид но за празникот секогаш сум тука со сопругата, децата и внуците. Уште повеќе што и ќерка ми се вика Иванка, која е родена на денешен ден. Каде и да сме за нас жителите од поширокото подрачје манастирот е нашата гордост, вели 75-годишниот Русе Апостоловски.
Тука се и група пензионери од Битола а посебно восхитена од убавината, мирот и спокојот што го чувствувате со првиот чекор е Цвета Тасевска, која по вторпат е во посета на манастирот.
Инаку, одбележувањето започнува вечерва кога во Свештената бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои старецот и игумен на бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.
Утре во 08:45 часот ќе биде пречекан надлежниот владика, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско- кичевски, г. Тимотеј а во 9 часот почнува Светата архиерејска Литургија.
Ова е втора слава на манастирот, првата, отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован е на 11 септември.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин. Вгнезден во пазувите на планината Бистра над 1000 години опстојува како потврда за православието на овие простори.