Саудиска Арабија егзекутирала 330 осуденици оваа година, што е најголем број регистриран во изминатите неколку децении, и покрај тврдењата во 2022 година на престолонаследникот и де факто лидер Мохамед бин Салман дека смртната казна е укината, освен за убијците.

Саудиска Арабија троши милијарди долари за да го промени имиџот на земјата со строги религиозни ограничувања и кршење на човековите права, пишува Ројтерс.

Најновата статистика за бројот на егзекуции, составена од невладината организација за човекови права Reprieve и потврдена од Ројтерс, укажува на голем скок од 172 егзекуции минатата година и 196 во 2022 година.

Саудиска Арабија ги негира обвинувањата за кршење на човековите права и тврди дека смртните казни се изречени за да се заштити националната безбедност, иако повеќе од 150 луѓе се егзекутирани оваа година за несмртоносни злосторства.

Смртните казни најмногу се извршуваат за шверц на дрога, поради напливот на големи количества наркотици слични на амфетамин од Сирија. Покрај тоа, поединци обвинети за „несмртоносен тероризам“, исто така беа егзекутирани, обвинение за кое групите за човекови права велат дека често се користи против учесниците на антивладините протести.

Во интервју за списанието Атлантик во 2022 година, престолонаследникот рече дека Саудиска Арабија ја укинала смртната казна, освен во случаите на убиство, што не може да се откаже, бидејќи убиството е казниво со смрт според Куранот.

Групите за човекови права ја обвинија Саудиска Арабија дека осудува малолетници на смрт и користи тортура за извлекување признанија.

Саудиска Арабија со децении организираше егзекуции со обезглавување со меч на градскиот плоштад, но сега таму има кафулиња и ресторани и смртните казни се извршуваат без присуство на јавноста.