Германските регионални лидери ја повикаа ЕУ да го забрза прегледот на руската вакцина „Спутник V“ и да гарантира дека, откако ќе биде одобрена, ќе може ефективно да се дистрибуира низ Унијата.

– Важно е да се забрзаат процедурите за одобрување, особено во случајот на ’Спутник’“, изјави премиерот на Баварија, Маркус Зудер, на прес-конференција, откако лидерите на 16-те покраини во Германија разговараа со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Тој истакна дека досегашните европски студии покажале дека руската вакцина е „исклучително безбедна“ и „во некои случаи е подобра од вакцините кои веќе се одобрени“.

– Треба да ја одобриме брзо и ефикасно и да не паѓаме во класични бирократски детали, рече Зудер.

Според него, одобрувањето сега е „само прашање на време“ и „поважно е ЕУ да склучи договори за да обезбеди производство и снабдување“.

– Европа треба брзо да преговара и да не чека одобрување. Ова е итен апел да не се пропушти уште една шанса, рече тој.

Градоначалникот на Берлин, Мајкл Мулер, исто така, истакна дека „ни треба секоја вакцина што можеме да ја добиеме“.

Европската агенција за лекови (ЕМА) започна тековен преглед на „Спутник V“ на почетокот на овој месец, иако неколку земји на ЕУ веќе започнаа со дистрибуција. 

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.