Комуналните служби уште се на терен и активно ги празнат контејнерите од сите населби во Центар. Хигиеничарите излегоа со целата механизација, а беше ангажирана и надворешна механизација и камиони за подигнување на контејнери, изјави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Тој денеска за МРТВ рече дека хигиеничари во Центар остануваат да чистат и во втора смена.
-Сеуште се на терен нашите служби. Слушнавме дека во текот на денот е постигнат договор со вработените од ЈП „Комунална хигиена“ и верувам дека и тие ќе се вклучат на терен за да оваа ситуација се стабилизира. Денеска имавме итна седница за развој на скопскиот плански регион каде што заедно со моите колеги градоначалници од Градот Скопје разговаравме за ситуацијата и акциите за чистење кои сами ги организиравме. Нашите хигиеничари во Центар остануваат да чистат и во втора смена за што им упатувам искрена благодарност, рече Герасимовски.
Тој додаде дека во Општина Центар покрај собирањето смет, комуналните служби под силен млаз од цистерната на ЈП „ПОЦ“ го миеле и просторот околу контејнерите од каде се ширела силна и непријатна миризба.