Општина Центар заедно со Државен пазарен инспекторат изминатиот викенд изврши контрола на неколку локали по зголемен број пријави од граѓани за гласна музика од угостителски објекти и непочитување на работното време во ноќните часови. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека акцијата била спроведена по 1 часот по полноќ кога работното време требало да биде завршено.

„Поради пречекорување на работното време до 1 часот по полноќ на кафулињата „Интермецо“ и „Мош“  пазарната инспекција им изготви записници за затворање и забрана за работа од 10 дена. Решенијата до локалите ќе бидат доставени во текот на денешниот ден по што истите ќе бидат пломбирани“, информираше Герасимовски.

Општина Центар постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што и Герасимовски во неколку наврати досега има изречено казни за бучава. Градоначалникот на Општина Центар Герасимовски повторно апелира управителите и сопствениците на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина и да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали.