Фрагменти од библиски свиток стар околу 1.900 години се откриени во пештера во Јудејската пустина, објавија Израелските власти во вторникот.

Ова беше наречено „историско“ и едно од најважните откритија на Кумранските списи или седумте свитоци откриени во пештера во близина на Мртвото Море.

„За прв пат по околу 60 години, благодарение на археолошките ископувања се откриени делови од
библиски пергамент“, се вели во соопштението на Израелскиот орган за антиквитети.

Според израелските археолози, деловите од ракописот, напишан на грчки јазик, овозможиле реконструкција на пасуси од Стариот завет, поточно од Книгата на пророкот Захарија и Книгата на пророкот Наум.

Тие биле пронајдени за време на археолошките ископувања во пештерата на природниот резерват „Нахал Хевера“, како дел од акцијата на државно ниво, чија цел е борба против грабежот на националното културно наслество.

Со цел успешно да се спроведе операцијата, која се протегала на дел од јудејската пустина лоцирана на Западниот брег, палестинската територија окупирана од Израел во 1967 година,  археолозите користеле беспилотни летала и опрема користена од алпинисти.

Од фасцинантното пронаоѓање на седумте свитоци во близината на Мртвото море во Кумранските пештери во периодот од 1947 до 1956 година, камените пештери во Јудејската пустина станале мета на ограбувачи на вредни антиквитети.

Овие 900 ракописи се сметаат за едни од најважните археолошки откритија на сите времиња,
бидејќи содржат верски текстови на еврејски, арамејски и грчки јазик, како и најстарата позната
верзија на Стариот завет.