Колумбиската пејачка Шакира ја осуди полициската бруталност на социјалните мрежи за време на протестите во нејзината матична земја за контроверзните даночни реформи.

Таа објави фотографија од насилните протести што се одржуваат во Колумбија веќе неколку дена и апелираше до властите.

„Неприфатливо е мајката да го изгуби своето единствено дете поради бруталност. И дека животот на уште 18 лица беше однесен на мирен протест. Куршумите никогаш нема да можат да го замолчат гласот на страдалникот. Од суштинско значење е да не бидеме глуви на жалбите. Ја замолувам Владата на мојата земја да преземе итни мерки, веднаш да го запре кршењето на човековите права и да ја врати вредноста на човечкиот живот над сите политички интереси“, напиша Шакира под својот пост.

Да потсетиме, демонстрациите против даночната реформа во Колумбија, кои започнаа на 28 април со повик за „национален штрајк“ на синдикатите, локалните заедници, студентски групи и разни опозициски групи, првично беа мирни, но подоцна имаше насилство и немири. Илјадници демонстранти излегоа на улиците на повеќе од 50 градови.