Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги оцени како воени злосторства руските напади на цивилната инфраструктура во Украина, особено на електричната.

Енергетската и друга клучна инфраструктура во повеќе региони на Украина, меѓу кои и главниот град на земјата Киев, деновиве е цел на руски напади со ракети и беспилотни летала „камикаѕи“.

„Руските напади на цивилната инфраструктура, особено на електричната, се воени злосторства. Лишувањето на мажи, жени, деца од снабдување со вода, електрична енергија и греење во пресрет на зимата – ова се акти на чист терор. И ние мораме да ги наречеме со тоа име“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.