Европска Унија денеска ја повика Кина да ја укине забраната за емитување на програмата на британската телевизија Би-Би-Си Ворлд њуз (BBC World News).

Во соопштението на ЕУ се наведува дека со забраната за емитување на светскиот сервис на Би-Би-Си Кина дополнително ја ограничува „слободата на изразување и пристап до информации„ и ги крши кинескиот Устав и Универзалната декларација за човекови права.

ЕУ наведува и дека најавата за престанок на емитување на светскиот сервис на Би-Би-Си во Хонг Конг дополнително ќе се „нарушат правата и слободите“ во полуавтономната кинеска територија.

– ЕУ и понатаму е цврсто посветена на заштита на медиумските слободи и плурализам, како и заштита на правото на слобода на изразување во и вон мрежата, вклучително и слободата на мислење и ширење на информации без никакво попречување, се истакнува во соопштението на ЕУ.

Иако Велика Британија не е повеќе членка на ЕУ, таа е членка на Советот на Европа, кој го набљудува Договорот од 1989 година што се однесува на лиценците за емитување.

Забраната за емитување на Би-Би-Си во Кина вчера ја осудија САД и Велика Британија.

Кинеската национална администрација за радио и телевизија (НРТА) на 11 февруари го забрани емитување на светскиот сервис на Би-Би-Си со образложени дека телевизијата „сериозно“ ги прекршила прописите во земјата.

Во соопшттението на НРТА се истакнува дека светскиот сервис на Би-Би-Си го прекршила принципот за веродостојни и точни информации и оти и наштетува на националните интереси на Кина.

Официјален Пекинг го критикуваше Би-Би-Си поради известувањата за Ковид-19 и за прогонот на етничкото муслиманско малцинство Ујгири.

Забраната за Би-Би-Си најверојатно е реципрочна мерка по укинувањето на дозволата за емитување на кинеската сателитскла телевизија на англиски јазик ЦГТН во Велика Британија. Британскиот регулатор ја укина дозволата за кинеската телевизија на 4 февруари со образложение дека телевизијата е поврзана со владејачката Комунистичка партија на Кина.

Тогаш Пекинг наведе дека дозволата е одземена од политички причини и оти Кина има право да одговори за да ги заштити правата и интересите на кинеските медиуми.